Негувајќи ја традицијата, организирано и свечено да ги пречекува бруцошите, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во соработка со Универзитетското студентско собрание на УКИМ годинава организира заедничка свеченост, каде што на почетокот на новата академска 2024 - 2025 година на едно место ќе ги собере сите бруцоши од сите факултети на нашиот Универзитет, како и раководствата и наставно - научниот и соработничкиот кадар на своите единици.

Првиот академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ќе се одржи на 1 октомври 2024 год. на платото кај паметникот на Светите Кирил и Методиј во кампусот на УКИМ, со почеток во 10:00 ч.

На првиот академски час предвидено е да се обратат ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Биљана Ангелова, претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ Александар Николовски и министерката за образование и наука на РСМ проф. д-р Весна Јаневска.

Агендата на првиот час има и ориентациски карактер и вклучува заедничка информативна сесија на УСС и Студентарија, како и други информативни содржини со обиколка на платото каде бруцошите ќе имаат можност да се запознаат со бројните студентски организации и поддржувачи на УКИМ кои ќе им бидат од голема корист во текот на студентскиот живот.

Свеченото врачување на индексите за бруцошите - студенти на Архитектонскиот факултет Скопје ќе се одржи во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет Скопје, истиот ден, 1 октомври 2024 год. (вторник) со почеток во 14:00 ч.

Истата вечер со почеток во 20:00 ч., на платото во кампусот на УКИМ ќе се одржи голема УКИМска забава на која ќе земат учество студентите на уметничките факултети на УКИМ, студентскиот бенд УКМЦИ, DJ, како и популарни музички групи и млади музички пејачки ѕвезди.