Отворен повик за повеќедневна работилница со наслов:
ИДНИНАТА НА КИНОТО [релациите] ВО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА ЗГРАДА – модели на управување преку [урбано] готвење
Водачи на работилницата: Кристин Лаз и Дејвид Нил Морси [„Floating University“] https://floating-berlin.org/
Локација: Кино во железничка зграда ул. Борка Талевски 26 и Архитектонски факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Булевар „Партизански одреди“, 1000 Скопје
Времетраење на работилницата: 28.05-31.05 2025
*Работилницата ќе се одвива во попладневните часови.
Пријавeните учесници ќе имаат можност да бидат дел од интердисциплинарни процеси кои преку истражувачка работа и креативен процес го истражуваат демократското користење на јавните простори, нивната реупотреба и односот со заедницата кој тие го градат, користејќи го концептот за урбано готвење [урбана кујна] како модел на управување. Преку него, целта е да се реобмисли концептот за колективно, солидарно и заедничко, но и да се засили неговото значење.
Повикот приоритетно е наменет за студенти кои студираат на факултетите за архитектура, драмски уметности, ликовни уметности, антропологија, книжевност и други сродни факултети, како и млади кои се заинтересирани во полето на интердисциплинарните уметности и јавниот простор како тема.
Напомена: Поради ограничениот број на учесници, крајниот рок за аплицирање е 26 мај, а селектираните учесници ќе бидат контактирани најдоцна до 27 мај преку мејл, при што ќе добијат детална агенда за работа.
Што претставува проектот Градот како сцена?
➡ Долгорочниот уметничко-кураторски проект „Градот како сцена“, инициран од Филип Јовановски, претставува едукативно истражувачка и продукциска лабораторија. Оваа платформа, преку создавање активности, кои најчесто имаат перформативен завршеток, има за цел да истражува различни медиуми и нивната интердисциплинарна конекција – визуелна уметност, архитектурата, театар, видео, филм и просторни инсталации. Пристапот и методата на работа, исто така, ја истражува уметничката изразност и потенцијал и во областа на сценографијата како и нејзиното проширено значење, често артикулирано низ новите/современи дефиниции на терминот сценски дизајн, „нова" дисциплина која обединува во себе повеќе уметнички медиуми и создава комплексен (сценски) простор на доживување. Исто така, една од идеите на овој проект е поврзувањето на просторот/архитектурата, градот и театарот/сцената и како од сето тоа да се извлече приказна, која подоцна ќе прерасне во изведба (интервенција) во јавен простор.
Што претставува Лабораторија за просторно изведувачки практики?
➡ Лабораторијата за просторно изведувачки практики „Градот е сцена“ претставува интердисциплинарна платформа, која во својот фокус го има истражувањето, разбирањето и создавањето на современиот јавен (изведбен) простор преку експериментален, процесен и колаборативен пристап.
Покрај вклученоста на студентите и граѓаните во работа кој претставува основа за градење на содржината на проектите со кои ќе се занимава лабораторијата, ваквиот пристап овозможува и можност за активирање на соработка со разни институции на државата и локалната самоуправа, но и проектни соработки со слични колективи од регионот и од Европа кои веќе имаат остварено значителни успеси во процесите на одржување и надградување на вредностите поврзани со дискурсот на јавното во градовите.
• Овој пристап на работа е започнат со долгорочниот проект „Кога зградите би зборувале“ (2014 - ) каде во фокус на работата беше урбаната заедница (станарите) во киното на Железничка зграда (јавен простор) во Скопје, проект кој беше претставен во рамки на Прашкото квадриенале за дизајн на перформанс и простор (PQ2019), добитник на главната награда „Златна Трига“ со следното образложение:
„Оваа изложба е повеќеслојна заедничка работа која ги спојува многуте форми на сценографии: простор, сцена, изложба, меморија, заедница и комуникација. Тоа покажува како перформансите активираат изложбен простор, како дизајнот поттикнува наратив и сценографијата станува активизам во и надвор од политичкиот контекст".
Ова образложение најпрецизно го објаснува интердисциплинарниот пристап на работа во рамки на оваа едукативна сценска лабораторија каде разбирањето за сценографијата (просторот) добива проширено општествено значење.
*За повеќе информации околу процесот на работа, уметничката пракса, гостувачката организација или работилницата посетете ја Инстаграм или Фејсбук страната на АКТО:
https://www.instagram.com/akto_fru
https://www.facebook.com/akto.festival
Се гледаме!